Аналитичар на одржлив развој

Опис на обуката

Обуката “Аналитичар на одржлив развој” е базирана на истоимената посебна програма за образование на возрасни, верифицирана од страна на Центарот за образование на возрасните и од Министерството за образование и наука, а креирана од страна на Здружението на граѓани Еко Логик. Со програмата Аналитичар за одржлив развој учесниците во текот на обуката ќе се стекнат со потребните знаења и вештини за анализа, планирање и реализирање на одржливиот развој (ОДР) во соодветни организациски единици. Оваа програма опфаќа теоретски и практичен дел, каде теоретскиот дел е превидено да се спроведува во училница, а практичниот дел во јавен објект, мало / средно / големо претпријатие или домаќинство.
Програмата е модуларна и се состои од следниве модули (области):

Модул 1: Вовед во одржлив развој
Модул 1 опфаќа основни дефиниции, поими и принципи поврзани со одржливиот развој, историски преглед на концептот, милениумските развојни цели и целите на одржлив развој, како и клучните меѓународни и национални чинители релевантни за одржливиот развој.

Модул 2: Глобални економски и светски трендови;
Модулот 2 се фокусира на осознавање на поимите за глобални економски трендови, како и преглед на потребата за препознавање, следење и анализа на глобалните и регионалните трендови. Во овој модул се претставени и методи за идентификација на трендови и квалитативни и квантитативни методи за научно предвидување на трендовите за одржлив развој.

Модул 3: Стратегии за одржлив развој на микро и макро ниво;
Во Модул 3 се дадени насоки за развој на стратегија на одржлив развој на марко и микро ниво вклучувајќи ги клучните елементи и поими за формирање на стратешки документи и основната рамка врз основа на која треба да се креираат овие документи. Во овој модул се опфатени и Националната стратегија за одржлив развој на Р. Македонија, Стратегијата за одржлив развој на Европската Унија и дополнително стратегиите за одржлив развој на неколку водечки светски држави, со цел учесниците да се запознаат со националната и меѓународната легислатива за одржлив развој.

Модул 4: Еколошка политика;
Во Модул 4 главниот фокус е ставен на поимот, компонентите и постоечките политики за заштита на животната средина и нивната поврзаност и содејство со политиките за почисто производство, енергетските политики, политиките на Европската Унија во овие насоки и генерално политиките за одржлив развој.

Модул 5: Еко иновации за одржлив развој;
Модул 5 се фокусира на технолошките иновации поврзани со одржливиот развој вклучувајќи информациски, производни и енергетски технологии, како и технологии за нови материјали и нано-технологии, клучните индустриски гранки во кои има најголем раст на иновации, во насока на препознавање на придобивките од воведувањето на еко – иновациите.

Модул 6: Индикатори за мониторинг и мерливост на одржлив развој;
Во Модул 6 образложена е потребата за примена на индикатори за следење и мерливост на процесот на имплементација на концептот на одржлив развој, проследена со поим, дефиниција и основни карактеристики на индикаторите и насоки за формулирање на индикатори од економски и оштесвен аспект и од аспект на животната средина. Тука воедно се претставени и веќепостоечки индикатори согласно милениумските развојни цели, индикатори за технолошки развој и еко – индикатори како и индикатори во согласност со Меѓународниот институт за одржлив развој.

Модул 7: Поефикасно во однос на ресурсите и почисто производство;
Во модул 7 целосно е опфатен концептот на почисто производство вклучувајќи ги основите на самиот концепт, историскиот развој, методологијата и соодветните индикатори со кои би се следела имплементацијата на концептот. Учесниците преку овој модул ќе имаат можност да ги осознаат поимите за поефикасно во однос на ресурсите и почисто производство (Resource Efficient and Cleaner Production) и да се запознаат со процесот на анализа на материјални и енергетски текови и биланси.

Модул 8: Еко – дизајн;
Во Модул 8 се опфатени потребата и придобивките од примената на еко – дизајнот и еко – реинженерингот, основните принципи и фази на развој, употребата на потенцијални материјали со еко – карактеристики со цел запознавање на учесниците со поимите за еко – дизајн, идентификување на потребните еко - податоци и нивните извори и пресметка на еко -својствата на конкретни производи.

Модул 9: Методологии за одржлив развој;
Во Модул 9 е даден детален преглед на концептот на одржлив развој кој опфаќа идентификација на организациската единица врз основа на која се прави оценка на влијание врз одржлив развој, препознавање на конкретните индикатори релевантни за организациската единица, методи за мерење и оценување на состојбите во конкретната организациска единица и методи за анализа на добиените резултати.

Модул 10: Алатки за организација и реализација на одржливиот развој;
Во Модул 10 се опфатени најчесто применуваните алатки за организација и реализација на одржливиот развој каде се вклучени повеќекритериумската анализа, повеќекритериумското донесување на одлуки, алатки за оценка и анализа на операции, како и алатки за анализа на посебните фази од организација и реализација на одржливиот развој.

Модул 11: Одржливост во домови
Во Модул 11 во однос на одржливоста на домовите фокусот е ставен на препознавање на клучните потрошувачи на енергија во домаќинствата, анализа на потрошувачката на материјални ресурси и вода и препознавање на мерките за остварување на заштеди и остварување на одржливо управување со отпадот.

Модул 12: Практична работа и изработка на студии на случаи (анг. Case Studies)
Секој од учесниците (или во тим од двајца) во практичниот дел од обуката треба да изработат студија на случај во соодветен објект каде тие треба да се запознаат со организациската единица, да соберат и анализираат податоци поврзани со енергетските и материјалните биланси на организациската единица, да препознаат потенцијални мерки за одржлив развој и на организациската единица да и достават препораки за соодветните мерки кои може да бидат имплементирани.

Преку обуката учесникот ќе се стекне со соодветно знаење за проценка на животната средина, идентификување на предностите, недостатоците, можностите и заканите за спроведување на одржливи решенија во рамки на анализираните организациски единици, утврдување на индикатори за следење на ефикасноста на процесите, спроведување на еко – проверка, како и изготвување на предлог решенија за одржлив развој во организациските единици.